Servet Günerigök
14 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Додека протестите низ Соединетите Американски Држави (САД) поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд стивнаа, гневот повторно избувна вчера поради убиството на уште еден Афроамериканец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Полицаец во Атланта го застрела Афроамеиканецот Рејшард Брукс (27) пред ресторанот за брза храна „Венди“, во петокот вечерта.
Брукс се расправал со полицајците кои одговориле на поплаките поради тоа што тој спиел пред драјв-тру ресторанот, се вели во соопштението на Бирото за истраги на американската сојузна држава Џорџија.
Полицаецот го извадил тејзерот што Брукс успеал да го зграби, по што полицаецот извадил оружје и го застрелал.
На местото на настанот околу пладне вчера се собраа демонстранти, а синоќа огромен број луѓе го сопреа сообраќајот на меѓудржавниот патен правец 75/85. На снимките на социјалните мрежи се гледаат голем број превртени автомобили како резултат на протестите.
Демонстрантите запалија оган пред ресторанот каде што беше убиен Брукс. Локалните медиуми јавија дека одредена група запалила возила во близина на ресторанот за брза храна.
Градоначалничката Кијша Ленс Ботомс соопшти дека началничката на полицијата на Атланта, Ерика Шилдс, доброволно се повлекла од функцијата.
Ботомс повика на итно прекинување на работниот однос на полицаецот кој го уби Брукс.
„Началничката Шилдс веднаш се повлече од местото началник на полицијата, а градот мора итно да ја обнови довербата, која е очајно потребна во нашите заедници“, рече градоначалничката.
Протестите на национално ниво траат повеќе од две недели поради смртта на Флојд на 25 мај.
Toj почина при полициско апсење од страна на полицаец, белец, во Минеаполис, додека го држел коленото на вратот 8 минути и 46 секунди по што Флојд изгубил свест, а потоа починал во болница.
Дерек Шовин е обвинет за убиство од втор степен и за убиство без предумисла, а тројцата други полицајци кои беа на местото на настанот се обвинети за помагање и поттикнување.