Hakan Çopur
20 Декември 2019•Ажурирај: 21 Декември 2019
ВАШИНГТОН - Берни Сандерс, кандидат за претседателски кандидат на демократите, во емисија во живо во која учествуваа сите демократски кандидати, упати критика кон американската политика за израелско-палестинското прашање, изјавувајќи дека не е доволно да го поддржуваат само Израел, туку дека истовремено е потребно да ја поддржуваат и Палестина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Лос Анџелес, во соработка на телевизискиот канал „Пи-би-ес“ (PBS) и информативниот интернет-портал „Политико“ (Politico), одржана е емисија во живо во која учествуваа седумтемина кандидати за кандидат на Демократската партија на претседателските избори 2020.
Во програмата учествуваа Џо Бајден, поранешниот заменик-претседател на САД; Елизабет Ворен, сенаторка на Масачусетс; Барни Сандерс, сенатор на Вермонт; Ејми Клобучар, сенаторка на Минесота; инвеститорот Ендрју Јанг, градоначалникот на Саут Бенд, Индијана, Пит Бутиџиџ и бизнисменот милијардер Том Стајер.
Во емисијата во живо која помина со многу расправии, демократските кандидати ги изразија своите ставови по многу прашања поврзани со внатрешната и надворешната политика на земјата, особено околу процесот за разрешување на претседателот на САД, Доналд Трамп.
- „Во исто време треба да сме поддржувачи и на Палестина“
Во делот во кој се дебатираше за американско-израелските односи, Сандерс ја критикуваше политиката на САД кон израелско-палестинското прашање, потенцирајќи дека едностраната поддршка само на Израел нема да ги реши проблемите.
Изјавувајќи дека Израел има право да живее во мир и безбедност, Сандерс истакна: „Но од аспект на американската политика на поддршка само на Израел, тоа не е доволно, во исто време треба да сме поддржувачи и на Палестина.“
Освен тоа, Сандерс смета дека доколку Израел продолжи со изградбата на нови населби на Западниот Брег, тогаш е потребно да се размисли помошта што САД ѝ ја даваат на Израел, да биде условена. Поддршка за ова гледиште на Сандерс дадоа Ворен и Бутиџиџ.
- Кинеската телевизија го прекина преносот кога почна да се зборува за однесувањето на Кина во источен Туркистан
Интересен е фактот дека е прекинат преносот во живо, кога кандидатите почнаа да дебатираат за прекршувањето на човековите права што Кина ги прави врз Ујгурските Турци.
Модераторот на емисијата, Џуди Вудруф, до кандидатот Бутиџиџ го упати прашањето „Дали ќе се бојкотираат Олимписките игри во Пекинг 2022 година поради масовните апсења на Ујгурските Турци во Кина?“.
Во моментот кога кандидатот Бутиџиџ одговори „Потребно е САД на маса да ги стават сите опции против Кина“, кинеската телевизија го прекина емитувањето во живо, а не беше емитуван и делот од околу 9 минути во кој кандидатите дискутираа за чекорите што Кина ги презема во Хонгконг.
- Бајден: „Во Авганистан немавме стратегија“
Од друга страна, Бајден истакна дека за време на првиот мандат на Барак Обама како претседател на САД, во Авганистан се направени истражувања на самото место, но дека не забележал сеопфатна стратегија на САД во врска со таа држава.
„Бидејќи немаше стратегиски план, долго време се убедував со Пентагон по прашањето за Авганистан и се спротивставив на идејата за градење нација. Преструктуирањето на целата земја беше надвор од нашиот капацитет“, посочи Бајден.
- Целосна поддршка за разрешувањето на Трамп
Во делот во кој демократските кандидати дискутираа за американската внатрешна политика, стана збор и за разрешувањето на претседателот Трамп, при што сите учесници во емисијата беа со став дека Трамп заслужува да биде разрешен.
Сите кандидати се согласни дека е потребно на Трамп да му се суди на еден непристрасен начин во Сенатот, тврдејќи дека се доволно силни да го победат Трамп на претседателските избори во 2020 година.
Првите прелиминарни избори во САД се закажани за 3 февруари 2020 во американската сојузна држава Ајова, а претседателските избори во САД ќе се одржат на 3 ноември 2020 година.