Betül Yürük
25 Април 2023•Ажурирај: 26 Април 2023
РИЈАД (АА) - Саудиска Арабија евакуираше повеќе од 350 луѓе од Судан, вклучително свои и граѓани од 26 земји, додека борбите во главниот град Картум меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) продолжуваат веќе втора недела, јавува Анадолу.
Вкупно 356 евакуирани, меѓу кои 101 државјанин на Саудиска Арабија, пристигнале во саудискиот град Џеда, соопшти Министерството за надворешни работи.
Меѓу евакуираните има државјани на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Шведска, Италија, Катар, Сирија, Холандија, Ирак, Туркије, Танзанија, Либан, Либија.
„Кралството на Саудиска Арабија ќе продолжи со напорите и ќе понуди помош за да се осигура безбедна евакуација на странските државјани до нивните дестинации“, се додава во соопштението на Министерството.
Најмалку 413 лица загинаа, а 3.551 ранети од 15 април, кога избија судири во главниот град Картум и другите градови меѓу Вооружените сили на Судан и РСФ, кои војската ги прогласи за побунета група.
Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја собори привремената Влада на премиерот Абдула Хамдок и прогласи вонредна состојба во она што политичките сили го нарекоа „пуч“.