Burak Bir
25 Април 2023•Ажурирај: 26 Април 2023
ЛОНДОН (АА) - Британската Влада презема правни мерки против планираниот 48-часовен штрајк на медицинските сестри, соопшти министерот за здравство Стив Баркли, пренесува Анадолу.
Во изјавата објавена на Твитер, Баркли истакна дека „нема избор освен да продолжи со правна постапка“ против синдикатот на Кралскиот колеџ за медицински сестри.
„По барање на работодавците од НХС, за жал, поднесувам барање до Високиот суд да го прогласи планираниот штрајк на Кралскиот колеџ за медицински сестри на 2 мај за незаконски“, истакна тој.
„И покрај обидите на моите службеници да ја решат ситуацијата во текот на викендот, не ми остана друг избор, освен да продолжам со правната постапка.“
Баркли, исто така, напиша писмо до Пет Кален, генералната секретарка на Кралскиот колеџ за медицински сестри, повикувајќи го синдикатот да одржи разговори со НХС Англија за осигурување на безбедноста на пациентите.
„Она што е понудено до денес едноставно не е доволно. Владата треба да го зголеми она што е веќе понудено и ние ќе бидеме особено критични за секој потег за негово намалување“, наведува Кален во минатонеделното писмо до Баркли.
Штрајкот на синдикалците ќе започне од стартот на ноќната смена во 20 часот во недела до 20 часот во вторник поради спорот околу платите бидејќи Владата понуди зголемување на платата за 5 % од април и еднократна исплата од најмалку 1.655 фунти, што беше одбиено од Кралскиот колеџ за медицински сестри.
„Овој 48-часовен штрајк е значајна ескалација во нашата борба за фер плата за медицинските сестри, кој следува по гласањето за отфрлање на најновата понуда за платата од Владата“, соопштија претходно од Кралскиот колеџ за медицински сестри.