Ekip
27 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ИСТАНБУЛ
Власта на Саудиска Арабија денес ослободи две активистки кои последните три години ги минаа во затвор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Групата за заштита на човековите права „Затвореници на совеста“ денес на Твитер објави дека активистките Самар Бадави и Насима ал-Садах се пуштени на слобода.
Станува збор за активистки кои во август 2018 година се приведени поради нивните активности во невладиниот сектор.
Веста за нивното ослободување од саудискиот затвор го потврди и лондонската група „Алкаст“, која исто така се занимава со прашањата за заштита на човековите права во светот.
Саудиските власти не го коментираа случајот.
Во февруари саудискиот престолонаследник, Мохамад бин Салман, изјави дека кралството богато со нафта ќе воведе низа реформи, вклучувајќи и измени на Законот за личен статус, за кои групите за заштита на човековите права кажуваат дека ги ограничуваат женските слободи.
Иако опозицијата во Саудиска Арабија и во странство ја обвинува власта во земјата дека ги крши човековите права и приведува активисти, официјален Ријад категорично ги негира обвиненијата дека приведува луѓе поради нивните политички ставови.