Jeyhun Aliyev
08 Декември 2021•Ажурирај: 09 Декември 2021
АНКАРА
Саудиска Арабија, доцна во вторникот негираше дека осомничениот член на групата која го уби новинарот Џамал Кашоги во 2018 во комплексот на Конзулатот во Истанбул, бил задржан во Франција, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Твитер, цитирајќи го Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија, Амбасадата во Париз ги нарече „неточни“ медиумските извештаи за апсењето на државјанинот на Саудиска Арабија во Франција под сомнение дека е осомничен за случајот со убиството.
Уапсеното лице „нема никаква врска со случајот за кој станува збор“, додаде Амбасадата.
Нагласувајќи дека е уапсено погрешно лице, Амбасадата повика на негово ослободување „веднаш“.
„Судот во Саудиска Арабија донесе пресуди против оние кои беа вклучени во „грозоморното убиство“ и тие во моментот отслужуваат казни“, додадоа оттаму.
Претходно во вторникот, Франција го објави апсењето на Калед Аед ал Отаиби (33), на Аеродромот „Шарл де Гол“.
Отаиби беше притворен од страна на граничната полиција додека се качуваше на летот за Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, според локалните медиуми кои ги цитираат правосудните извори.
Кашоги беше брутално убиен, а телото најверојатно исечено на парчиња откако беше намамен од саудиските власти во нивниот Конзулат во Истанбул, Турција, во октомври 2018 година.
Додека Ријад првично негира каква било улога во неговата смрт, подоцна се обиде да ја стави вината на, како што рече, недобро изведената операција на испитување.