Gamze Türkoğlu Oğuz
23 Јануари 2019•Ажурирај: 23 Јануари 2019
СЕУЛ (АА) - Во екот на подготовките на вториот американско-севернокорејски самит, режимот на Северна Кореја упати остра критика и го обвини официјален Вашингтон дека не оди во насока на намалување на тензиите и нормализација на односите на Корејскиот Полуостров, пренесува Anadolu Agency (AA).
Прорежимскиот весник „Родон Синмун“ („Rodong Sinmun“) објави текст во кој остро ги критикува властите на Соединетите Американски Држави (САД) поради неодамнешното барање властите на Јужна Кореја значително повеќе да учествуваат во подмирување на трошоците за ангажманот на 28.000 американски војници во базите на јужниот дел на Корејскиот Полуостров.
Официјален Пјонгјанг тврди дека американското барање е несоодветно и заостанато и дека како такво е противречно на настојувањето за намалување на тензиите и нормализација на односите во тој регион.
Неодамна истече договорот по кој Јужна Кореја за ангажманот на американската Војска годишно плаќала 848 милиони долари. Властите на САД сега од официјален Сеул бараат за 50 отсто да ги зголеми издвојувањата за таа цел.
Севернокорејската критика е објавена во екот на исчекување на датумот на втората средба на американскиот претседател, Доналд Трамп, и севернокорејкиот лидер, Ким Џонг Ун. Состанокот би требало да биде организиран во февруари.