Islam Uddin
06 Октомври 2022•Ажурирај: 07 Октомври 2022
ПЈОНГЈАНГ (АА) - Северна Кореја денеска го осуди распоредувањето на американскиот носач на авиони на нуклеарен погон во водите на Јужна Кореја и го нарече сериозна закана за стабилноста на ситуацијата на Корејскиот Полуостров, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) за ескалација на воените тензии на Корејскиот Полуостров.
„Демократска Народна Република Кореја силно ги осудува САД и некои од нивните вазални сили поради неоправдано изнесување пред Советот за безбедност на Обединетите нации, правичната контраакција преземена од Корејската народна армија против заедничките вежби меѓу Јужна Кореја и САД“, соопшти Министерството, објави Корејската централна новинска агенција.
Министерството истакнува дека внимателно ги следи САД, кои „претставуваат сериозна закана за стабилноста на Корејскиот Полуостров“.
Јужна Кореја вчера соопшти дека САД повторно ќе распоредат носач на авиони на нуклеарен погон во јужнокорејските води, откако Северна Кореја лансира балистичка ракета.
„Носачот на авиони УСС „Роналд Реган“, кој го напушти полуостровот по заедничката воена вежба меѓу САД, Јужна Кореја и Јапонија минатата недела, сега ќе се врати во Источното Море“, објави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на изјави на началникот на Генералштабот на Јужна Кореја.
Овој се случи откако Северна Кореја во вторникот истрела балистичка ракета со среден дострел, која прелета над Јапонија за првпат по пет години.
„Северна Кореја утринава повторно истрела ракета за која се сомнева дека е балистички проектил“, соопшти Кабинетот на јапонскиот премиер.
Последното лансирање на проектил дојде еден ден откако американското Министерство за одбрана соопшти дека американските сили спровеле одделни воени вежби со Јапонија и Јужна Кореја како одговор на севернокорејското лансирање на балистичка ракета со долг дострел.