Северна Кореја потврди дека испратила војници во Русија
Комисијата соопшти дека потегот се темели на проценката на Ким дека ситуацијата ги исполнила условите од член 4 од Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Москва и Пјонгјанг

ИСТАНБУЛ (АА) - Северна Кореја денес за прв пат потврди дека испратила војници во Русија за да ја поддржи војната на Москва против Украина според договорот за меѓусебна одбрана, објави државната Корејска централна новинска агенција (KCNA), пренесува Анадолу.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун одобри распоредување на вооружени сили во рускиот регион Курск, наведувајќи ја потребата од почитување на обврските од договорот, според соопштението на Централната воена комисија на Работничката партија на Кореја.
Комисијата соопшти дека потегот се темели на проценката на Ким дека ситуацијата ги исполнила условите од член 4 од Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Москва и Пјонгјанг. Членот обврзува меѓусебна воена поддршка доколку која било страна биде нападната од надворешна сила.
Се наведува дека воените активности на севернокорејските војници во Русија „се целосно во согласност со сите одредби и духот на Повелбата на Обединетите нации и другите меѓународни закони“.
Во саботата, Кремљ објави дека руските сили ги протерале украинските војници од Курск. Рускиот началник на Генералштабот, Валериј Герасимов, им се заблагодари на севернокорејските војници кои „се бореа рамо до рамо“ со руските војници.
Герасимов нагласи дека севернокорејските сили дејствувале само на руска територија според билатералниот договор, кој ѝ дозволува на Русија да ги повика севернокорејските трупи за одбрана на својата територија.
Јужна Кореја остро го осуди признанието на Северна Кореја, објави новинската агенција Јонхап.
„Со нивното јавно признание за распоредувањето, иако тврдат дека се целосно во согласност со меѓународното право, тие повторно се потсмеваат на меѓународната заедница. Ние остро го осудуваме овој чин“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Сеул ги повика Русија и Северна Кореја „веднаш да ја прекинат својата незаконска воена соработка“, нагласувајќи дека тоа „сериозно го поткопува мирот и стабилноста во Индопацифичкиот Регион и пошироко, вклучително и во Европа“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.