Fatih Erel
30 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
ЖЕНЕВА (AA) - Светската здравствена организација (СЗО) го објави првиот извештај за штетното влијание на пушењето цигари врз околината, во кој се истакнува дека цигарите ја загадуваат околината со повеќе од 7.000 хемикалии и илјадници тони отровни и канцерогени гасови, јавува Anadolu Agency (AA).
Во пресрет на Светскиот ден за борба против пушењето, СЗО предупреди дека тутунот годишно убива 7,2 милиони луѓе, светската економија ја чини 1,4 трилиони долари, но и доведува до загадување на околината и уништување на шумите.
Во извештајот е наведено дека производството на тутун доведува до уништување на шумите бидејќи за производство на амбалажата за 300 произведени кутии цигари се губи едно стебло.
„Тутунот сите нас нѐ загрозува, поттикнува сиромаштија, ја намалува економската продуктивност, придонесува за лош избор на исхраната и го загадува воздухот што го дишеме“, порача директорката на Светската здравствена организација, Маргарет Чан.
Светската здравствена организација нагласува дека тутунот го загрозува развојот на земјите во светот и ги повика владите да спроведат остри мерки за контрола на тутунот. Тие вклучуваат забрана на маркетинг за тутунот, промоција на еднообразни пакувања на тутунските производи, зголемување на акцизите на тутунот, како и креирање на затворени јавни работни места и простории без тутунски чад.
Глобалните здравствени трошоци поврзани со пушењето цигари, на годишно ниво, се проценуваат на околу 422 милијарди долари, односно 56,34 долари по лице, а тоа е 5,7 отсто од вкупната здравствена потрошувачка.
СЗО исто така тврди дека тутунот предизвикува и годишни економски загуби од трилион долари поради слабење на продуктивноста на работниците, болести и прерана смрт предизвикана од пушење.
Со цел да се укаже на штетноста од пушењето, СЗО во 1987 година ја усвои одлуката со која секој 31. мај во годината се одбележува како Светски ден на борбата против пушењето.