Islam Uddin
01 Октомври 2025•Ажурирај: 01 Октомври 2025
АНКАРА (АА) - Силен земјотрес со магнитуда од 6,9 степени го потресе регионот Себу на Филипини, при што загинаа најмалку 61 лице, а над 140 се повредени, објавија локалните медиуми денес, известува Анадолу.
Земјотресот, кој се случи во 21:59 часот по локално време (13:59 средно време по Гринич) вчера, бил со епицентар на 21 километар североисточно од градот Бого, на мала длабочина од само 5 километри, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs), пренесува весникот „Инквајрер“.
Американскиот геолошки институт првично ја измери јачината на 7,0 степени, но подоцна ја ревидираше надолу.
Локалните власти информираа дека 27 лица загинале во градот Бого, а другите смртни случаи се регистрирани во Сан Ремигио и во блиски населени места.
Центарот за предупредување од цунами во Пацификот соопшти дека нема закана од значајно цунами.
Тимовите за спасување и потрага веќе пристигнаа во погодените области, а во регионот и понатаму се чувствуваат потреси. Властите стравуваат дека би можел да се зголеми бројот на жртви.
Меѓу жртвите се и лица што загинале при уривање на спортски комплекс во северен Себу за време на кошаркарски натпревар.
Истовремено, црква на островот Бантајан целосно е урната, а делумно е урната и зграда на познат синџир за брза храна во Бого.
Како превентивна мерка, наставата во училиштата е суспендирана во повеќе делови на Себу, меѓу кои Лапу-Лапу, Мандауе, Талисај, Минганила, Консолацион и Лилоан.