Dmitri Chirciu
30 Август 2019•Ажурирај: 31 Август 2019
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана соопшти дека сирискиот режим прогласил примирје во подрачјето на деескалациската зона во Идлиб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што наведоа, воените единици на сирискиот режим прогласиле еднострано примирје во сирискиот регион Идлиб.
„За ситуацијата да се стабилизира, Центарот за помирување на руските сили договори дека Сириската војска еднострано ќе прогласи примирје во зоната за намалување тензии во Идлиб, што стапува на сила од 31 август во 6 часот“, се соопштува од руското Министерство.
Во Идлиб, кој е упориште на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители и интерно раселени, кои се цел на постојани режимски напади.
Со посредство на Турција и Русија, во Сочи на 17 септември 2018 година, е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од тој регион, а силите лојални на режимот на Асад не ги спречија артилериските и воздушните напади во тој регион.