Ekip
07 Мај 2022•Ажурирај: 10 Мај 2022
БАГДАД (АА) - Ирачката полиција соопшти дека во регионот на Синџар, на северот од Ирак, владее мир откако терористите на ПКК се повлекоа од тој регион, известува Агенција Анадолија (АА).
„Вооружените терористи на ПКК се повлекоа од центарот на Синџар доцна синоќа и тргнаа кон планината Синџар“, изјави неименуван полициски службеник за АА.
Тој рече дека терористите на ПКК го напуштиле подрачјето по протестите на локалното население.
„Ирачката полиција и војска распоредија дополнителни сили во квартовите на Синџар откако терористите се повлекоа од тоа подрачје“, додаде полицискиот службеник.
Според зборовите на очевидците, жителите на Синџар вчера демонстрираа на улиците, барајќи прекин на вооружените судири во тоа подрачје.
Судирите меѓу ирачките сили и терористите на ПКК принудија 700 семејства да ги напуштат своите домови во Синџар.
Терористичката организација ДЕАШ го окупираше Синџар во 2014 година, а терористичката организација ПКК успеа една година подоцна да воспостави свое упориште во таа област.
ПКК е сепаратистичка организација што се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија и во САД.
Во текот на повеќедецениската кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе. Оваа терористичка организација делува и во северните делови на Ирак и на Сирија.