Bayram Altuğ
23 Јануари 2018•Ажурирај: 24 Јануари 2018
ДАВОС (АА) - Швајцарија е зафатена од снежно невреме кое зароби 9 000 туристи во ски-центарот во Цермат, а поради опасност од можни лавини, евакуирани се најмалку 30 куќи во Давос, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалните власти на швајцарскиот кантон Вале јавуваат дека поради снежните врнежи во ски-центарот во Цермат туристите се заробени од саботата.
Во соопштението се вели дека во неделата хеликоптери евакуирале најмалку 500 туристи кои за тоа платиле по 70 швајцарски франци.
Градоначалникот на општината Цермат, Роми Бинер, рече дека за безбедносните мерки во земјата се ангажирани полициски хеликоптери и дека тие не се во можност да одговорат на потребите на туристите кои преку копнените патишта не можат да го напуштат зимското одморалиште.
Бинер истакна дека сите патишта и железници во Цермат се блокирани, како и дека 1200 туристи во зимското одморалиште чекаат на ред за евакуација со хеликоптер.
Во истовреме, обилните снежни врнежи го погодија швајцарскиот град Давос, каде што денес започна 48. Светски економски форум.
Надлежните служби евакуираа околу 30 куќи на кои им се заканува снежна лавина. Поради снежната бура, и во местото Цернец се блокирани патиштата и железницата.