свет

Студентите од Универзитетот „Јејл“ протестираат против посетата на израелскиот министер Бен-Гвир

Бен-Гвир, контроверзна личност во израелската политика, е во прва официјална посета на САД, со предвидени настани во Њу Хејвен и Њујорк

Aida Cako  | 24.04.2025 - Обновена : 24.04.2025
Студентите од Универзитетот „Јејл“ протестираат против посетата на израелскиот министер Бен-Гвир

ЊУ ХЕЈВЕН (АА) - Повеќе од 200 студенти од Универзитетот „Јејл“ одржаа протест на плоштадот Бајнеке, поставувајќи шатори како знак на противење на најавената посета на израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, јавува Анадолу.

Според студентскиот весник „Јејл дејли њуз“, на протестот присуствувале 25 студенти.

Потоа бројот на присутни нагло се зголемил, а биле поставени осум шатори и покрај универзитетската забрана за неовластени објекти.

„Тука сме и ќе останеме во текот на ноќта“, изјави еден од организаторите преку мегафон.

Бен-Гвир, контроверзна личност во израелската политика, е во прва официјална посета на САД, со предвидени настани во Њу Хејвен и Њујорк.

Бен-Гвир беше пречекан од основачот на Шабтаи, Шмули Хехт, кој ја оправда поканата со зборовите:

„Лично верувам дека токму ваквите недвосмислени настани го зачувале 'Јејл' како умерено и безбедно прибежиште за Евреите во оваа токсична средина на екстремизам во Ајви лигата“.

Протестот е дел од поширока серија демонстрации на „Јејл“ поврзани со израелската воена интервенција во Газа и врските на универзитетот со воени компании.

Настанот се совпадна и со т.н. Булдогс Дејс - главен приемен настан за над 1.300 новопримени студенти.

Портпарол на коалицијата Сумуд, пропалестинска група на кампусот, соопшти дека акцијата е организирана од автономна група студенти што се спротивставуваат на присуството на Бен-Гвир и на молкот на „Јејл“ за оваа посета.

Тие истакнаа дека кампот не е официјално поврзан со нивната коалиција.

Додека тензиите растеа, најмалку осум припадници на универзитетската полиција и неколкумина службеници за јавна безбедност го следеа протестот, а контрапротестанти кружеа и го снимаа протестот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.