Faruk Zorlu
28 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
БЕЈРУТ (АА) - Најмалку 226 лица се повредени во судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили во областа Триполи северно од либанскиот главен град Бејрут, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Либан со денови се одржуваат протести против затворањето на земјата поради Ковид-19 и поради она што демонстрантите го опишуваат како неспособност на Владата да го спречи ширењето на вирусот, додека болниците достигнуваат максимална пополнетост на капацитетите.
Демонстрантите се собраа во Сахет ал Нур во центарот на Триполи и се обидоа да влезат во зградата на Владата на плоштадот.
Безбедносните сили се обидоа да ги растераат користејќи солзавец, додека демонстрантите одговорија фрлајќи камења, молотови коктели и огномети.
„Врз безбедносните сили беа фрлени рачни гранати, а две од нив експлодираа“, соопштија силите за внатрешна безбедност на Либан преку Твитер.
„Најмалку девет лица се повредени и уништени се воени возила како последица на рачните гранати“, додаваат силите за внатрешна безбедност на Либан.
Либанската Црвена полумесечина соопшти дека 35 лица се однесени во болниците, додека на 67 им била укажана помош на местото на протестите.
Во меѓувреме, државната Национална новинска агенција (NNA) соопшти дека 31 од 124 повредени лица лекувани од единиците за одговор на итни случаи во Либан биле префрлени во болница.
„Најмалку 226 лица се повредени во судирите“, соопшти ННА.
Либанската Влада соопшти дека ќе го продолжи полицискиот час во земјата до 8 февруари како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Либанската Армија вчера на Твитер соопшти дека 31 војник се повредени во напад на демонстрантите во Триполи, додека петмина демонстранти се уапсени.
„Можеби зад потезите во Триполи се наоѓаат партии кои сакаат да испратат политички пораки и може да има и такви кои ја користат болката на луѓето и животните тешкотии од кои страдаат сиромашните и оние со приход“, напиша на Твитер мандатарот Саад Харири, без да обвинува никого директно.
Бројот на заразени со Ковид-19 во Либан вчера изнесуваше вкупно 289.660 лица, вклучувајќи 2.553 смртни случаи и 171.177 оздравени лица.