Riyaz ul Khaliq
25 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Прелиминарнитe изборни резултати на 500-члениот Парламент на Тајланд покажуваат дека гласовите на членовите на Сенатот ќе одлучат за судбината на политичките партии во формирањето на првата граѓанска влада во последните осум години, јавува Anadolu Agency (AA).
Изборната комисија на Тајланд објави дека гласале вкупно 65,96 отсто од гласачите, што е пониско од очекуваното.
Изборите во оваа азиска земја беа одложени четирипати од 2014 година, кога тајландска армија ја собори граѓанската Влада.
Дневниот тајландски весник „The Nation“ објави дека по броењето на 83 отсто од вкупните гласови, првичните резултати покажуваат дека опозициската партија Пеу Таи освоила 142 места во Парламентот, додека партијата Паланг Прачарат блиска до хунтата, предводена од поранешниот воен генерал Прајут Чан-о-ча, освоила 135 места.
Партијата „Напред кон иднината“ освои 71 место, партијата Бумџајтаи 33 и демократските партии освоија 62 места во Парламентот.
Новинар кој работи за тајландско-англиски весник, за АА изјави дека премиерот поставен од тајландската Армија, поранешниот генерал на Војската, Прајут Чан-о-ча, од Паланг Прачарат бил фаворит за формирање Влада дури и ако неговата партија не освои мнозинство места во Парламентот.
„Бидејќи ниту една партија, како што покажуваат резултатите, не би можела да забележи масовна победа, тоа ја прави улогата на Сенатот важна“, изјави новинарот, кој не сакаше да биде именуван.
„Анти[воениот] владин табор е загрижен дека 250-те членови на Сенатот [Горниот дом] што ќе бидат избрани од страна на тајландската Кралска армија, веројатно ќе ја поддржат партијата Паланг Прачарат [предводена од Прајут Чан-о-ча]“, рече новинарот.
Двесте и педесет сенатори ќе бидат назначени од владејачкиот Национален совет за мир и ред (NCPO) - тајландско административно воено тело формирано во 2014 година - и првпат во историјата на Тајланд ќе учествуваат во изборот на следниот премиер на земјата, кога се свикува Парламентот. Прајут е актуелниот премиер назначен од Национален совет за мир и ред (NCPO) по пучот во 2014 година.
Воената хунта имплементираше нов Устав во Тајланд - уставна монархија од 1932, а во 2017 година на Сенатот му беше дадена важна улога во изборот на премиер.