Ömer Faruk Yıldız
04 Декември 2019•Ажурирај: 05 Декември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Од почетокот на неделата Филипините се зафатени од тајфунот Камури. Тајфунот предизвика бура и поплави во кои животот го загубија 17 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во филипинските медиуми, денес тајфунот Камури, проширувајќи се кон јужниот дел на главниот град Манила, речиси целосно уништил голем број куќи.
Филипинската Агенција за управување со ризици од катастрофи соопшти дека бројот на загинати изнесува 17 лица.
Агенцијата информираше дека на островите Бикол и Лузон, каде што тајфунот удрил со најголема сила, на земјоделските посеви им е причинета штета од најмалку 15,7 милиони долари.
Камури е 20. тајфун што оваа година ги зафаќа Филипините. Камури ја следи трасата на тајфунот Рамасун, кој во 2014 година предизвика смрт на над 100 лица.
Филипините годишно во просек се зафатени од 20 тајфуни и тропски бури. Станува збор за земја која се наоѓа во пацифичкиот земјотресен појас, има голем број активни вулкани и е една од земјите со најголема закана од природни катастрофи.
Во 2013 година Филипините беа погодени од тајфунот Хаијан, кој предизвика смрт на 7.300 лица, а евакуирани беа над 5 милиони лица.