Muhammet Kurşun
21 Јули 2019•Ажурирај: 22 Јули 2019
ТЕХЕРАН (AA) - Социјалната мрежа Твитер ги блокираше профилите на Иранската официјална новинска агенција (IRNA), на Новинската агенција на Унијата на млади новинари (YJC) и на Новинската агенција „Мехр“, јавува Anadolu Agency (AA).
Твитер ги блокираше профилите на трите агенции кои емитуваат вести на персиски јазик, додека на профилите на истите агенции на кои се објавуваат вести на англиски, арапски и на другите јазици не дошло до никаква блокада.
Откако Соединетите Американски Држави (САД) кон средината на април, оваа година, ја ставија иранската Војска „Чувари на револуцијата“ на листата на терористички организации, социјалната мрежа Инстаграм ги затвори профилите на бројни командири на иранската Војска, вклучувајќи го и началникот на Генералштабот, генерал Мухамед Бакири.
Меѓу иранските командати на кои им се блокирани профилите на Инстаграм, освен Бакири, се и командантот на „Чуварите на револуцијата“, Мухамед ал Џафери, шефот за човечки ресурси при Вооружените сили на Иран, Муса Кемали, и поранешниот командант во иранската Војска, Изетулах Зергами. Муса Кемали, во врска со блокирањето на профилите на иранските високи воени функционери, изјави дека „инстаграм-профилите ги затвориле ционистите“.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран на 8 април ја стави американската Централна команда (CENTCOM) на листата на терористички организации, а како одговор на одлуката на САД со која Иранската револуционерна гарда е ставена на терористичката листа.
Иранските медиуми објавија дека со затворањето на профилите на иранските воени функционери Инстаграм ја поддржува политиката на американскиот претседател, Доналд Трамп, со која сака да ја зголеми напнатоста.
Инстаграм сè уште не се огласи во врска со споменатиот случај.
По Телеграм, кој во Иран го користат околу 55 отсто од корисниците на интернетот, на второ место се наоѓа Инстаграм.