Amir Latif Arain
21 Јули 2019•Ажурирај: 22 Јули 2019
КАРАЧИ (AA) – Најмалку седум лица загинаа, а 24 се ранети во двократен терористички напад кој утрово се случи на северозападот на Пакистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Вооружен напаѓач отвори оган врз полициски пункт во градот Дера Исмаил Кан во покраината Кибер Пактункава.
Комесарот на полицијата, Салем Риаз, соопшти дека најмалку двајца полицајци се убиени во нападот, а повеќе лица се ранети.
Половина час подоцна, жена самоубиец го активираше експлозивот, што го имала на себе, пред болницата во која се носени настраданите од првиот напад.
Во силната експлозија загинаа пет лица, вклучувајќи и двајца полицајци.
Најмалку 24 лица се ранети.
Дера Исмаил Кан е град кој се наоѓа во близина на пакистанско-авганистанската граница и е место на чести терористички напади од 2004 година.