Turgut Alp Boyraz,Esat Fırat
17 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
КУДС (АА)
- Тургут АЛП БОЈРАЗ
Активистката Ахед ет-Темими, која е позната како „храбрата девојка на Палестина“ што се спротивставуваше на израелските војници во 2011 година, кога имаше само 11 години, истакна дека поборниците за правата на жените треба повеќе да реагираат поради зголемениот прогон врз палестинските жени.
Темими за Агенција Анадолија (АА) даде проценка за кршењето на човековите права извршено од страна на Израел неодамна во Палестина.
Подвлекувајќи дека страдањето на палестинските жени кои живеат на териториите окупирани или блокирани од Израел не е ограничено на само еден ден или два дена, Темими истакна дека палестинските жени, кои трпат разни болки поради израелската окупација што трае со децении, не добиваат доволно поддршка од светот.
Посочувајќи дека палестинските жени мораат да бидат и мајка и татко за да се грижат за своите деца поради тоа што нивните мажи загинале, Темими се обрати до светот со следната порака:
„Според мене, меѓународните организации за човековите права и меѓународните организации за правата на жените не реагираат соодветно на палестинските жени кои се угнетувани и убивани. Ако во една друга земја една жена е угнетувана, за тоа организациите реагираат соодветно. Угнетувањата кај нас се сметаат за нормални. Постои став дека ние како да го заслужуваме тоа, а другите не. Му се обраќам на целиот свет. И ние сме луѓе како и другите. И ние имаме право да живееме нормален живот. И ние сакаме да живееме живот без насилство.“

Потсетувајќи дека од неодамна израелските сили ги нападнаа палестинските жени во квартот Шеик Џерах во окупираниот Источен Ерусалим, Темими рече: „Има жени во Појасот Газа кои се бомбардирани и чии тела се извлечени од остатоците. Ние секогаш го доживуваме ова во Палестина. Ние секогаш живееме со болки. Кога една жена е нападната, веднаш се потсетувам на мајка ми.“
Истакнувајќи дека им е потребна поддршка од целата меѓународна заедница, вклучително и од бранителите на правата на жените, Темими рече: „Ни треба нивната помош и во медиумите и во правната област. Потребен ни е и најмалиот притисок што тие ќе го сторат врз оваа окупаторска и колонијална држава (Израел). Само на тој начин може да ја испратиме нашата порака до светот.“
Темими, посочувајќи дека ако една жена во друг дел од светот изврши помала кражба и е подложена на полициско насилство, на таа ситуација се реагира, рече дека се молчи за палестинските жени кои се притворени поради одбрана на својата татковина и биле подложени на физичко и психичко насилство.
- Состојбата на жените во израелските затвори
„Многу Палестинки во израелските затвори се лишени од минимален здравствен третман. Како што се Исра Џаабис или Нурхан Авад, Шурук Дувејат. Во затворите има многу жени кои се повредени. Тие не се лекуваат или не го добиваат соодветното лекување. Доаѓаат и им даваат едно апче за ублажување на болката и ги замолчуваат“, нагласи Темими.
Наведувајќи дека жените можат да бидат изложени на различни проблеми за разлика од мажите поради окупацијата, Темими додаде:
„Не се прави некоја разлика. Не се прави некоја разлика во однос на тоа дека структурата на телото на жената и онаа на мажот не се исти и дека жената не може да го поднесе тоа што може да го поднесе еден маж.“

Темими, меѓу другото, додаде дека мајките кои ги дојат своите деца во затвор немаат пристап до витамини и минерали кои им се потребни, како што е калциумот.
„Сакам на палестинската жена која е претепана од окупаторските војници или еврејските доселеници да се гледа најмалку како на жена која е подложена на семеен притисок. Грижете се за палестинските жени како и за секоја друга“, рече Темими и додаде:
„Нека кажат дека Палестинката исто така не го заслужува ова насилство. Се разбира, тоа е многу тешко. Бидејќи овој напаѓач, колонизатор ја тепа со намера да ја убие. Таа е подложена на насилство само затоа што ги брани нејзините права. Тие се подложени на насилство само затоа што стојат пред нив и велат дека ‘не ја прифаќаат окупацијата на нивната куќа, земја и татковина‘. Ги замолуваме сите организации за правата на жените и меѓународните организации за човекови права. Потребна ни е поголема помош во однос на нашата палестинска кауза.“
Во нападите на Израел врз Појасот Газа од 10 мај, 197 лица, од кои 58 деца и 34 жени, го загубија животот. Повредени се 1.235 лица. Исто така десетици згради беа целосно уништени или станаа неупотребливи.