Gülbin Yıldırım
19 Септември 2018•Ажурирај: 20 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) постигнале договор за ревизија на трговските односи, дури откако на европските лидери им се заканил со воведување на царински давачки за автомобили, јавува Anadolu Agency (AA).
По синоќешниот состанок со неговиот полски колега Анджеј Дуда, Трамп во Белата куќа откри детали за начинот на кој ги уверил челниците на ЕУ да преговараат и да ја ревидираат трговската соработка со САД.
Трамп откри дека претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во три наврати го одбил неговиот повик за преговори.
„Му реков: ’Во ред, не мора да преговараме. Воведуваме царина на милиони автомобили што ги увезувате во САД‘. Дојде толку брзо во мојата канцеларија што не ни знаев дека имаат толку брзи авиони“, рече Трамп.
Тој, притоа, ги обвини Кина и Европската Унија дека ја злоупотребуваат американската великодушност со нерамноправната трговска размена.
„Намалувањето на трговскиот дефицит е процес кој бара одредено време. ЕУ не ни разговараше со нас, а ниту претходниот претседател Барак Обама за тоа не говореше ништо“, рече Трамп.