Servet Günerigök
05 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече Парискиот климатски договор, договор со фатални недостатоци, осврнувајќи се на насилните протести во Франција, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Мило ми е што мојот пријател @Емануел Макрон и неговите демонстранти во Париз се согласија со заклучокот кој јас го постигнав пред две години“, напиша Трамп на Твитер, и додаде дека Парискиот договор е фатален затоа што ја зголемува цената на енергијата за одговорните земји, додека избелува некои од најлошите загадувачи во светот.
„Сакам чист воздух и чиста вода и направив големи чекори за подобрување на американската средина. Но американските даночни обврзници - и американските работници - не треба да плаќаат за да го исчистат загадувањето на другите земји“, пишува Трамп.
Илјадници демонстранти во жолти елеци од 17 ноември се собираат во големите француски градови, вклучувајќи го и Париз, на протести поради контроверзното зголемување на данокот на горивото од страна на претседателот Емануел Макрон и влошената економска ситуација во Франција.
Францускиот премиер, Едуар Филип, исто така изјави дека Владата го суспендирала планираното покачување на цената на горивото за шест месеци, во обид да ги смири демонстрантите.
„Ниеден данок не е вреден ако значи загрозување на единството на нацијата“, изјави тој во директно телевизиско обраќање.
Во јуни 2017 година, Трамп најави дека САД ќе се повлечат од Парискиот климатски договор, меѓународен договор кој има за цел намалување на емисиите на стакленичките гасови.
Во октомври оваа година, тој ги обвини научниците кои се занимаваат со климатските промени дека имаат „политичка агенда“, велејќи дека тој смета дека климата се менува, и не верува дека тоа е предизвикано вештачки.