Michael Hernandez
30 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека следната недела ќе ја затвори границата со Мексико или неколку подолги делови на границата со таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп на Твитер порача дека тоа ќе се случи доколку Мексико веднаш не запре со незаконските миграции во САД.
Потсетуваме, американскиот претседател и претходно често истакнуваше дека ќе ја затвори границата со Мексико.
„Конгресот веднаш мора да го промени нашиот слаб закон за миграции. Мексико мора да ги запре незаконските миграции од влезот во САД низ нивната територија и низ нашата јужна граница“, наведе Трамп.
Тој додаде дека Мексико долги години се богатело на сметка на САД, што е, како што изјави, далеку повеќе од трошоците на границата.
„Доколку Мексико веднаш не ги запре сите незаконски миграции кои доаѓаат во САД низ јужната граница, јас таа граница ќе ја затворам, или големи делови на таа граница, наредната недела“, се наведува во објавата на Трамп.
Мигрантите кои незаконски ја преминуваат американската граница предизвикаа сериозна напнатост меѓу САД и Мексико, откако Трамп ја започна својата претседателска кампања пред речиси четири години.