Ayhan Şimşek
16 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
БЕРЛИН (АА) - Германските политичари упатија критики кон американскиот претседател Доналд Трамп за обидот да купи германска фармацевтска компанија која работи на можна вакцина за коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Германија не е на продажба“, напиша на Твитер министерот за економија, Петер Алтмајер, и додаде дека Владата била во контакт со компанијата „КуреВак“ со седиште во Тјубинген.
Неделникот „Велт ам Сонтаг“ (Welt am Sonntag) претходно објави дека Трамп ѝ понудил 1 милијарда американски долари на „КуреВак“, но побарал компанијата да ја развие вакцината за коронавирусот „само за САД“.
Министерот за надворешни работи, Хеико Мас, упати остри критики кон американскиот претседател за обид да добие „ексклузивни права“ на можната вакцина и повика на поблиска меѓународна соработка.
„Германските истражувачи се лидери во развојот на вакцини, тие имаат улога во светската соработка“, напиша тој на Твитер.
„Не можеме да дозволиме на другите да ги добијат наодите од истражувањата ексклузивно само за себе. Можеме да го победиме #Ковид-19, ако само дејствуваме заедно, а не едни против други“, додаде тој.
Германија е трета најтешко погодена земја од пандемијата на коронавирусот во Европа, по Италија и Шпанија.
Бројот на потврдени случаи на коронавирусот во Германија до утринава се искачи на 6.241, што е пораст од вкупно 5.813 случаи вчера.
Според изјавите на здравствените власти во германските покраини, бројот на смртни случаи од коронавирусот во Германија вчера достигна 13.