Ekipa
24 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) - Турската хуманитарна организација ИХХ започна со поставување шаторска населба недалеку од градот Идлиб, за бегалците кои поради зачестените напади на силите на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузнички руски сили, ги напуштаат своите домови и се движат кон северниот дел на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Координаторот на ИХХ за Сирија, Селим Тосун, за АА рече дека со денови сѐ поголем број сириски бегалци го напуштаат Идлиб и се движат кон турско-сириската граница.
Тосун рече дека волонтерите на ИХХ синоќа почнале со подигнување на шаторската населба во близина на Идлиб.
„Во селото Харбенуш, околу 15 километри од центарот на градот, започнавме со подигнување на шаторска населба. Во текот на ноќта веќе сместивме околу 50 бегалци. Нашите активности на тој план ќе продолжат“, рече Тосун.
Хуманитарната организација претходно подели пакети со помош за најмалку 20.000 бегалци.
Мухамед Халаџ, директор на Координацијата за дејствување во Сирија, потврди дека поради нападите на режимските и руските сили во последните два дена кон границата со Турција мигрираа најмалку 10.000 цивили. Од почетокот на ноември раселени се најмалку 215.000 цивили.