Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
24 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
ИДЛИБ - Во воздушните напади на руските сили врз зоната за деескалација на судирите во Идлиб животот го загубија 8 цивили, од кои 5 се деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Опсерваторијата за набљудување на летови на сириската опозиција соопшти дека руски авиони извршиле напади врз околината на Серакиб и селата Маршурин, Бабила и Џубас.
Според информациите добиени од екипите на Цивилната заштита на Идлиб, во нападот врз селото Џубас животот го загубија 8 цивили, од кои 5 се деца.
Додека од една страна екипите на Цивилната заштита спроведуваат спасувачки операции и се обидуваат да ги отстранат урнатините по бомбардирањата, од друга страна се обидуваат цивилите што бегаат од нападите да ги евакуираат на безбедни места.
Освен тоа, руските авиони, покрај бомбардирањето на цивилните населби, ја напаѓаат и трасата за бегство која води кон подрачјата во близина на сириско-турската граница.
- Продолжува копнената операција на силите на режимот
Во тек е копнената операција на силите на режимот на Асад, поддржана од Иран и Русија во југоисточниот дел на Идлиб што започна на 20 декември. Досега силите на режимот зазедоа 35 населени места.
Од друга страна, во последните два месеца бројот на раселени цивили од ова подрачје се искачи на 215.000.
Поради продолжувањето на нападите од страна на режимот на Асад и Русија, поголемиот дел од раселените цивили мигрираа во камповите во близина на сириската граница со Турција, кои во рамките на операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ се расчистени од терористите.