Muhammet Emin Avundukluoğlu
29 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот парламент денес со заедничка декларација го осуди американскиот таканаречен мировен план за Блискиот исток, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турските парламентарци таканаречениот „Договор на векот" го опишаа како „план на нестабилност и конфликти“ и истакнаа дека тој ги исклучува Палестинците, една од двете страни на спорот меѓу Израел и Палестина.
„Тоа е против одлуката на Обединетите нации (ООН) и изгледите за дводржавно решение“, се вели во декларацијата, додавајќи дека планот има намера окупацијата на Палестина да ја претвори во анексија.
Во декларацијата се наведува дека Турција никогаш нема да поддржува никаква иницијатива што ги игнорира основните права и слободи на Палестинците.
Кажано е исто така дека Турција ќе продолжи да ги заштитува основните права на Палестинците на меѓународната сцена.
Декларацијата ја потпишаа сите партии во парламентот.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го откри таканаречениот Мировен блискоисточен план, а во таа пригода најави дека Ерусалим (Кудс), како дел од тој план, ќе биде прифатен како неделив главен град на Израел.
Тој додаде дека е предвиден рок од четири години за Палестина да стане независна држава. Рече дека таканаречениот Мировен план за Блискиот Исток е „последна шанса“ за независна палестинска држава и за Палестинците.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека според таканаречениот Мировен блискоисточен план, палестинските бегалци немаат право на враќање, а нелегалните еврејски населби во Западниот Брег ќе добијат статус на израелска територија.
Палестинската страна, вклучувајќи ги движењата на отпор, Фатах и Хамас, го отфрлаат планот на Трамп и најавуваат продолжение на борбата за правата на Палестинците.