АНКАРА
- Шерифе ЧЕТИН
Турција со меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија пред една година го потпиша Меморандумот за разбирање за разграничување на поморските јурисдикции, а за кратко време тој договор во значајна мерка го промени односот на силите на Источниот Медитеран, јавува Агенција Анадолија (АА)
Билатералниот договор е потпишан на денешен ден минатата година, а осум дена подоцна е ратификуван и во парламентите. Обединетите нации официјално го регистрираа тој турско-либиски договор во октомври оваа година.
Договорот е подготвен врз принципите на праведност и во согласност со меѓународните правни норми и на крајот ги штити интересите и правата на Турција и Либија на Источниот Медитеран.

- Договор и одговор на едностраните потези на Источниот Медитеран
Турско-либискиот договор беше и своевиден одговор на едностраните потези на администрацијата на Јужен Кипар, која, спротивно на принципот на праведност, се однесуваше како ексклузивен сопственик на Кипар и која од 2003 година направи низа унилатерални чекори во контекст на поморското разграничување во тој регион на Медитеранот.
Турција не призна три договори кои администрацијата на Јужен Кипар ги потпиша со Египет (2003 година ), Либан (2007 година) и Израел (2010 година).
Посебно е контроверзен Договорот кој Јужен Кипар го парафираше со Египет, бидејќи со тоа го загрозува епиконтиненталниот појас на Република Турција, кој како таков се води и во документите на ОН.
Грција пак заговара максималистички ставови на т.н. „Мапа од Севиља“ и така сака да ја затвори Турција во тесниот крајбрежен појас на Анталискиот Залив.
Властите на Грција во август оваа година потпишаа и Договор за поморско разграничување со Египет, но и тоа не им помогна во обидот на девалоризација на Договорот кој го потпишаа властите на Турција и Либија.
Грчко-египетскиот договор се однесува на тесниот појас на Источниот Медитеран, бидејќи Египет не е заинтересиран за максималистичките барања кои Грците ги имаат за своите острови. Турција пак го отфрла тој договор во потполност.
- Турција со години повикува на дијалог и принцип на праведност
Властите на Република Турција со години заговараат и повикуваат на дијалог за да се спречат едностраните потези и да се пронајде трајно решение на несогласувањата на Источниот Медитеран.
Анкара изрази подготвеност на дијалог и преговори за поморското разграничување со сите соседи, со исклучок на Јужен Кипар за кој претходно побара сеопфатно решение на кипарското прашање.
Откако нејзините повици не наидоа на одѕив, Турција порача дека ќе ги штити своите интереси и права на Источниот Медитеран, како и правата на Турската Република Северен Кипар со која во 2011 година потпиша договор за поморско разграничување.
Турција во Источниот Медитеран од 2011 година спроведува сеизмички истражувања на енергетските резерви, а од 2018 година започна да врши и сондажни истражувања.
Договорот со Либија беше еден од најважните потези во контекст на турските хидрокарбонски активности во тој дел на Средоземното Море.
- Турско-либискиот договор е одговор на обидите за изолација на Турција
Турција има најдолг брег во тој дел на Средоземното Море, а на обидите за изолација и нејзиното обесправување одговори со потпишување на договор со Либија. Така застана во заштита на сопствениот епиконтинентален појас.
Со договорите со Северен Кипар и Либија, Турција ги потврди и во ОН ги регистрира западните граници на својот епиконтинентален појас на Источниот Медитеран.
Тоа беа проактивни потези на Турција, со кои се спречени обидите за изолација и затворање на Турција во тој регион.
- Договорот е корисен и за Либија
Турско-либискиот договор за поморско разграничување беше корисен и за Либија која така ги заштити своите поморски права од максималистичките напади на Грција
Либија и Грција преговорите за поморско разграничување ги започнаа во 2004 година, но Грција ја искористи кризата во Либија и еднострано ги презеде лиценците за хидрокарбонски истражувања јужно од островот Крит.
Со договорот со Турција, Либија доби 36.000 километри квадратни море повеќе во споредба со мапата која ја заговара Грција.
- Промена на односот на силите на Источниот Медитеран
На договорот, кој на денешен ден минатата година го потпишаа Турција и Либија, а кој е постигнат со принципите на праведност и во рамките на меѓународните права, најмногу се противи Грција.
Договорот е удар на максималистичките барања на Грција која пак тврди дека турско-либискиот документ не ги признава правата на грчките острови и дека како таков е спорен пред меѓународното право.
Грција и понатаму тврди дека Владата на национално единство на Либија и нејзиниот премиер Фаез ал Сараџ не се овластени за потпишување на такви договори, иако и ОН ја призна таа влада како легитимна во Либија.
Турско-либискиот договор е склучен во согласност со конвенцијата на ОН за поморско право и праксата на Меѓународниот кривичен суд кои налагаат праведно и чесно разграничување во кое малите острови автоматски не добиваат епиконтитнентални и ексклузивни економски појаси.