Mohammad Sıo
01 Октомври 2025•Ажурирај: 02 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 22 Палестинци се убиени, а неколкумина се повредени денес во серија израелски воздушни напади врз неколку подрачја на Појасот Газа, велат сведоци и медицински извори, јавува Анадолу.
Седум лица се убиени и неколкумина се повредени кога израелски воени авиони извршиле напади врз дом во населбата Ал-Дараџ, источно од Газа.
Десетмина Палестинци се убиени и неколкумина се повредени, меѓу кои седум офицери од цивилната одбрана, во одделен напад врз училиштето „Ал-Фалах“ во населбата Ал-Зајтун во југоисточниот дел на истиот град. Во училиштето се засолнети раселени семејства.
Во населбата Ал-Римал на запад се убиени две лица, а има повредени и во напад врз куќа.
Израелските сили запалија и згради во близина на Исламскиот универзитет во југозападниот дел на градот Газа, предизвикувајќи голема штета.
Во централниот дел на Појасот Газа, во израелскиот напад врз бегалскиот камп Ал-Нусејрат, убиени се двајца Палестинци и неколкумина се повредени. Уште едно лице е убиено и неколкумина се повредени во кампот Ал-Бурејџ, откако една куќа била цел на нападот.
На 8 август израелската Влада го одобри планот, предложен од премиерот Бенјамин Нетанјаху, за постепено повторно окупирање на целиот Појас Газа, почнувајќи од градот Газа, каде што живеат околу еден милион Палестинци.
Потоа армијата започна голема офанзива во градот, уништувајќи домови, имот и шатори за раселените лица, бомбардирајќи болници и извршувајќи копнени упади.
Од октомври 2023 година Израел уби над 66.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, во Газа.
Поради немилосрдното бомбардирање енклавата е несоодветна за живеење и тоа доведе до глад.
Во тек се напори за прекин на огнот и поширок мировен договор за обнова на Газа, а американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела откри план од 20 точки.