Burç Eruygur
18 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
КИЕВ (АА) - Најмалку две лица загинаа, а четворица се повредени во синоќешниот руски ракетен напад врз градот Запорожје во југоисточна Украина, објавија локалните власти утринава, јавува Анадолу.
„На местото на настанот во тек се операции за пребарување и спасување. Засега се знае дека двајца се загинати и четворица се повредени. Уште три лица се водат за исчезнати“, рече во објава на Твитер, Анатолиј Куртев, секретар на Градскиот совет на Запорожје.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски на Телеграм наведе дека е погодена станбена петкатница и дека се уништени осум станови.
„Мое сочувство до сите чии членови на семејствата и пријатели загинаа. Им благодарам на сите кои не остануваат рамнодушни и ни помагаат да го надминеме ова“, додаде Зеленски.
Украинската државна служба за итни случаи соопшти дека 50 жители на зградата се евакуирани.
Руските власти не ги коментираа информациите за нападот.
Според податоците на Обединетите нации, повеќе од 9.800 цивили се загинати, а над 17.900 се ранети во војната во Украина, што Русија ја започна во февруари 2022 година.