Bahtiyar Abdülkerimov
09 Април 2022•Ажурирај: 10 Април 2022
КИЕВ (АА) - Најмалку 31.000 цивили од пристанишниот град Мариупол на југоистокот на Украина присилно се однесени во Русија, изјави градоначалникот Владимир Бојченко, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На локалната телевизија Бојченко изјави дека руските сили насилно ги одвеле цивилите од Мариупол во Русија или во таканаречената „Народна Република Доњецк“, а службениците имаат проверен список на жители кои присилно се преселени од своите домови.
Напоменувајќи дека населението било изложено на разни понижувања, Бојченко рече дека руските власти кон нив се однесувале грубо, земајќи им отисоци од прстите, и ги терале да потпишуваат разни документи.
Градоначалникот Бојченко наведе дека во моментов во регионот на Мариупол е активен само хуманитарниот коридор Бердјанск - Запорожје и истакна дека населението по таа траса се евакуира во безбедни подрачја.
Бојченко рече дека 95.000 цивили од Мариупол се евакуирани во Запорожје преку тој коридор.
Украинското Министерство за надворешни работи претходно објави дека се уништени 90 отсто од зградите во Мариупол.
„Градот се наоѓа во состојба на хуманитарна катастрофа, мртвите се закопани во масовни гробници, недостасува вода, храна, нема комуникација“, наведе украинското Министерство за надворешни работи.
Војната меѓу Русија и Украина, што започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда и доведе до финансиски санкции кон Москва, по што следуваше заминување на глобалните фирми од Русија.
Според проценките на ОН, најмалку 1.611 цивили се убиени од почетокот на руските напади на Украина, а 2.227 се ранети. Се стравува дека реалните бројки се многу поголеми.
Повеќе од 4,3 милиони Украинци избегаа во други земји, а милиони се интерно раселени, објави Агенцијата на ОН за бегалци.