Davit Kachkachishvili
25 Јануари 2023•Ажурирај: 26 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Неодамна дома мораше да се породи 25-годишната Украинка Татјана Гајдаченко, жителка на градот Лиман, град кој е преземен од руските сили во контранападот на Украинската армија во регионот Доњецк во октомври 2022 година, известува Агенција Анадолија (АА).
По породувањето, Гајдаченко, од страна на волонтери била пренесена на побезбедна локација во породилното одделение на болницата во градот Славјанск, каде што неколку дена била лекувана со своето новороденче.
Гајдаченко, пред да биде префрлена од болницата во Славјанск во хуманитарниот центар во главниот град Киев со помошта на локалните волонтери, на новинарот на Агенција Анадолија (AA) му раскажа низ што сѐ поминала.

Гајдаченко рече дека била бремена околу еден месец кога започнале руските напади врз градот Лиман и додаде дека се обидела да преживее засолнувајќи се во магацинот под станот во кој живеела за да се заштити од интензивното руско бомбардирање.
Раскажувајќи дека постојано добивала поддршка од соседите во засолништето бидејќи била бремена, Гајдаченко продолжи со зборовите:
„Долг период останавме во засолништето. Таму ми помогнаа соседите. Минавме тешки денови. Ми помагаше и мојата сестра која има две деца. Како едно семејство, секој секому му помагаше.“

Зборувајќи дека на секој човек му е тешко кога ќе се најде среде интензивни конфликти, Гајдаченко истакна дека сепак, тоа им е уште потешко на трудниците и додаде: „Се смирував себеси. Се обидував да си дадам поголем морал себеси. По периодот на тешката бременост измината во Лиман, бев принудена моето бебе да го родам дома.“
Истакна дека иако линијата на фронтот сега е далеку од градот Лиман, Руската армија продолжува со воздушните напади врз градот, поради што е принудена да го напушти регионот сега кога се родило бебето.

Говорејќи дека некое време ќе живеат во Киев, Гајдаченко рече: „Ќе останеме таму. Ќе ни дадат соба. И волонтерите ќе ни помагаат.“
Информирајќи дека новороденото бебе е нејзино четврто дете, Гајдаченко наведе дека нејзините други деца претходно биле евакуирани од подрачјето од безбедносни причини.