Gökhan Kavak
11 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
АБУЏА (АА) - Во Нигерија постојат уметници кои создаваат уметнички дела од крилја на пеперутки, јавува Anadolu Agency (AA).
Нигериските уметници за изработка на своите дела собираат илјадници мртви пеперутки. Пеперутките се развиваат од гасеници, кои потоа стануваат прекрасен крилест инсект. Нивниот животен век е само една недела. Уметниците ги класифицираат крилјата од пеперутките според бојата и дезенот, подготвувајќи ги за фигурите кои ги осмислиле во своите дела.
Една од уметниците кои од крилјата од пеперутки изработуваат птици, човечки фигури и други различни кадри е Хаџија Мерјем, која за АА изјави: „Крилјата од илјадници пеперутки ги класифицираме според нивната боја и дезен. Потоа овие крилја, едно по едно, ги поставуваме на хартија, врз претходно изработени цртежи“.

Мерјем има свое ателје во уметничкиот и културен центар во главниот град Абуџа, и веќе 12 години се занимава со изработка на уметнички дела од крилја на пеперутки.
Мерјем вели дека преку делата изработени од крилјата на пеперутките, таа повторно ги враќа пеперутките во живот, и истакнува: „Благодарение на она што го правиме, се обидуваме краткиот живот на пеперутките повторно да го заживееме. Во нашите дела ги разработуваме темите на африканската жена, птиците, а понекогаш изработуваме и географски карти. Мене ме прави многу среќна тоа што преку делата изработени од крилјата на пеперутките, имам можност повторно да ги оживеам во едно од делата што красат нечиј дом“.
Мерјем изјави дека една слика изработува за еден ден. „Ова е работа која бара голем труд и посветеност, но јас тоа го правам со задоволство.”
- Пеперутките се собираат во Конго
Мерјем вели дека крилјата на пеперутките се собираат во централноафриканската држава Република Конго. „Мојот син на секои три месеци заминува за Конго. Пеперутките што живеат таму имаат краток животен век и речиси по само една недела живот умираат. Син ми ги собира мртвите пеперутки“.
„Пеперутките се едни од најубавите и најколоритни живи суштества на светот. Тие со својот колорит и со извонредниот дезен ѝ даваат посебна убавина на природата. Но, за жал, тие имаат многу краток животен век“, вели Мерјем.
- „Не ги собираме живите пеперутки“
Мерјем истакнува дека во ниту еден случај не им наштетуваат на живите пеперутки: „Не собираме живи пеперутки. Тие живеат во шумските предели, каде што за многу кусо време умираат. Ги собираме мртвите пеперутки“, истакнува таа.
Мерјем вели дека едно дело изработено од крилја од пеперутки го продава за цена од 2.000 наири (околу 4,7 евра), и додава дека особен интерес за нејзините дела има од страна на туристите.