Rafiu Oriyomi Ajakaye
30 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
ЛАГОС (АА) - Меѓународниот фонд за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) тврди дека во Нигерија се склучени најголем број бракови со девојчиња помлади од 18 години, односно 49 проценти, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот објавен од УНИЦЕФ се истакнува дека бракот со малолетници носи голем ризик за здравјето, особено за време на бременоста и породувањето.
Најновите податоци од ОН беа објавени откако Нигерија ја започна националната кампања за прекинување на традицијата на детските бракови до 2030 година.
„Кампањата е повик за акција, тоа е обид да се спасат животите на девојчињата кои се присилени на брак. Многу од нив имаат компликации за време на бременоста и за време на породувањето. Ваквите компликации доведуваат до смрт. Ова е неприфатливо“, рече претставникот на УНИЦЕФ за Нигерија, Мохамед Фол.
Раното стапување во брак со малолетни девојчиња и забременувањето во рана возраст може да биде многу ризично за здравјето на девојчињата, се вели од УНИЦЕФ.
Во таквите случаи постои голема веројатност тие да умрат при породувањето или раѓаат мртвородени бебиња.
УНИЦЕФ, исто така соопштува дека девојчињата што раѓаат често страдаат од џуџест раст.
„Присилувањето на девојчињата на брак зависи од нивното образование и од економскиот статус на семејството. Малолетниците кои немаат образование имаат тенденција да се омажат пред да наполнат 15 години, а оние со основно образование до својата 18. година. Девојчињата од сиромашните домаќинства во просек се мажат на возраст од 15 години, додека оние од најбогатите стапуваат во брак во просек на 23 години“, се вели во соопштението од УНИЦЕФ.