Mustafa Keleş
28 Јуни 2016•Ажурирај: 29 Јуни 2016
ОН (АА) - Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) соопшти дека како резултат на одредени фактори, кои можат да се спречат доколку сите земји ги забрзаат акциите за подобрување на здравјето и образованието на најзагрозените, до 2030 година ќе умрат 69 милиони деца помлади од пет години, јавува Anadolu Agency (AA).
Најважниот годишен извештај на УНИЦЕФ, состојбата на децата во светот ја прикажува преку сликата на она што ги чека најсиромашните деца во светот, ако владите, донаторите, компаниите и меѓународните организации не ги забрзаат напорите за да одговорат на нивните потреби.
„Одземањето на шансите во животот на стотици милиони деца, не само што ја загрозува нивната иднина, туку и иднината на нивните општества поради меѓугенерацискиот пренос на загрозеноста”, рече извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк.
Во извештајот се наведува дека е постигнат значителен напредок во спасувањето на животот на децата, запишувањето на децата во училиштата и извлекување на луѓето од сиромаштијата, и дека ситуацијата е многу подобра отколку што била во 1990-те години, но дека има уште многу што може да се направи.
Според извештајот, доколку состојбата на децата и понатаму остане иста и ако населението расте со иста брзина, доколку не се реши проблемот на нееднаквоста, во 2030 година 167 милиони деца ќе живеат во екстремна сиромаштија, 60 милиони деца нема да одат на училиште, а на брак ќе бидат принудени 750 милиони девојчиња.
Во извештајот се наведува дека најсиромашните деца имаат двапати поголеми шанси да умрат пред петтата година, за разлика од најбогатите деца.
За жал и децата во Јужна Азија и Субсахарска Африка, чии мајки немаат никакво образование, имаат трипати поголеми шанси да умрат од децата чии мајки се образовани.
Иднината на децата изгледа најстрашна во Субсахарска Африка каде што најмалку 247 милиони деца, односно две од три деца живеат во повеќедимензионална сиромаштија и каде околу 60 отсто од младите на возраст од 20 до 40 години од најсиромашната петина од населението имаат помалку од четири години образование.
Околу 124 милиони деца денес не одат во основно училиште и во пониско ниво на средно училиште, а скоро две од пет деца кои завршуваат основно училиште не знаат да читаат, пишуваат ниту да користат едноставна аритметика.
Сепак, има надеж. Во извештајот се посочува на доказите дека вложувањето во најзагрозените деца може да донесе моментална и долгорочна корист. На пример, докажано е дека исплатата на пари им помага на децата да останат подолго во училиште и да напредуваат до повисоките нивоа на образование.
Во просек, за секоја дополнителна година на образование, заработката на детето кога ќе порасне се зголемува за околу десет проценти. А во просек, за секоја дополнителна година на школување која ќе ја завршат младите луѓе од една земја, стапката на сиромаштија во таа земја паѓа за девет отсто.
Нееднаквоста не е неизбежна и непремостлива, се вели во Извештајот. Подобрите податоци за најзагрозените деца, интегрираните решенија за предизвиците со кои се соочуваат децата, иновативните начини за решавање на старите проблеми, повеќе праведно вложување и зголемување на вклученоста на заедниците, може да помогне во намалување на социјалните разлики меѓу децата, се вели во Извештајот.