Alı H. M. Abo Rezeg
08 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
ТЕХЕРАН
Посмртните останки на убиениот ирански генерал Касим Сулејмани се погребани утринава во зори во неговиот роден град Керман во југоисточниот дел на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според Иранската државна телевизија, Сулејмани е погребан по погребната церемонија, која беше закажана за вчера, но беше одложена двапати поради големиот метеж што се создаде.
Убиениот ирански генерал беше погребан по ракетните напади што иранските сили утринава ги извршија врз американските воени бази во Ирак.
Во покраината Керман по убиството на Сулејмани беа подигнати црвени знамиња, кои означуваат дека погребот нема да се одржи пред да се изврши одмазда.
Иранската револуционерна гарда соопшти дека ги ракетирала американските воени бази во Ирак и дека во случај на одговор од САД ќе следуваат уште посилни удари.
Според соопштението на Иранската револуционерна гарда, американската воздухопловна база „Ајн ал Асад“ е нападната со повеќе десетици проектили.
Сулејмани, кој беше шеф на елитната единица „Кудс“ на Револуционерната гарда на Ирак, е убиен во нападот што американските сили со дрон го извршија во близина на аеродромот во Багдад. Со него исто така се убиени и Ебу Мехди ал Мухандис, постар командант на ирачките Народни единици за мобилизација, и осум други лица.
Неговата смрт ја обележа драматичната ескалација во односите меѓу САД и Иран, што е присутна откако американскиот претседател, Доналд Трамп, во 2018 година одлучи еднострано да го повлече Вашингтон од нуклеарниот договор склучен во 2015 година со Техеран.