Gökhan Kurtaran
09 Април 2017•Ажурирај: 10 Април 2017
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за одбрана, Мајкл Фалон, ја обвини Русија дека е индиректен виновник за страдањето на цивилите во последните напади во Сирија, вклучувајќи го и оној во Идлиб во кој беше користено хемиско оружје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во колумната објавена во весникот "Сандеј тајмс", министерот Фалон истакнува дека Русија е најголемата поддршка за режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и индиректно е одговорна за сите злосторства во кои страдаат сириските цивили.
"Кукларот Владимир Путин треба да го напушти Асад и да ни се придружи нам во градењето на мирот. Во Идлиб се случи незаконски и нехуман напад, во кој со хемиски гасови беа убиени речиси 100 цивили и деца. Забраната за употреба на хемиско оружје датира од 1925 година, поради страв од оружјето коешто постоеше во текот на Првата светска војна. И покрај тоа, Асад и понатаму продолжува да го користи ова оружје во напади врз својот народ. Кршејќи ги меѓународните норми, во 2013 година со употреба на хемиски гасови убиени се 1.500 луѓе во близина на Дамаск", наведува Фалон во колумната.
Паралелно со тоа, шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон, вчера соопшти дека ја одложува официјалната посета на Москва, која првично беше планирана за 10. април.
"Тажни сме поради тоа што Русија го штити Асад, откако тој употреби хемиско оружје против невините цивили. Ја повикуваме Русија да соработува со меѓународната заедница со цел слични злосторства во Сирија да не се повторат и со цел да се пронајде политичко решение за оваа криза", порача Џонсон.