Betül Yürük
05 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Заменикот генерален секретар на ОН задолжен за политички прашања, Џефри Фелтман, денес би требало да ја започне историската тридневна официјална посета на Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на канцеларијата на генералниот секретар на ОН соопшти дека Фелтман денес ќе отпатува во Пјонгјанг.
Во соопштението се наведува дека неговата посета е организирана врз основа на септемврискиот повик што Северна Кореја го упати како своевидна иницијатива за почеток на политичкиот дијалог.
Фелтман при посетата на Пјонгјанг ќе се состане со шефот на севернокорејската дипломатија Ри Јонг-хo, неговиот заменик Пак Мионг-гук и со делегацијата на ОН во таа земја.
Иако не се очекува севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун да го прими Фелтман, денешната посета е важна од аспект дека тоа е прва посета на висок официјален претставник на ОН на Северна Кореја во последните шест години.
Последниот официјален претставник на ОН кој во октомври 2011 година го посети Пјонгјанг беше Валерија Амос, координаторка на ОН за хуманитарни активности.