Zehra Ulucak
29 Август 2019•Ажурирај: 30 Август 2019
ЈАНГОН
Во Мјанмар, водечкиот филмски режисер во земјата, Мин Хтин Ко Ко Гји, е осуден на една година затвор, под обвинение за дискредитирање на Армијата, на социјалните медиуми, јавува Anadolu Agency (AA).
Мин Хтин Ко Ко Гји, основач на Филмскиот фестивал за човечки достоинства и за човечки права во Мјанмар, под обвинение за дискредитација на Армијата со критички публикации на социјалните медиуми осуден е на една година затвор. Режисерот беше притворен на 12 април.
Адвокатот на Ко Гји, Роберт Сан Аунг, за дописникот на АА, истакнувајќи дека судијата го осудил неговиот клиент на една година затвор, рече дека судот сè уште не донел одлука дали ќе ја разгледа и втората тужба поднесена од припадник на Армијата.
Филмскиот режисер на социјалните медиуми го критикуваше Уставот на Мјанмар донесен во 2008 година, кој, според него, е подготвен од страна на хунтата, и дава поголеми овластувања на Војската во законодавството и управувањето.
Ко Гји, пред неговото апсење имаше тешка операција на карцином на црниот дроб. Неговото барање за ослободување со кауција е одбиено.
На почетокот на месецот, „Амнести интернешнал“ ги повика претставниците на Мјанмар брзо да ги отфрлат обвиненијата против Ко Гји.
Официјалните лица во Мјанмар се обвинети дека ги користат контроверзните строги закони за подигање истраги против активисти и бранители на човековите права.