Ekip
29 Август 2019•Ажурирај: 01 Септември 2019
КАРАЧИ (АА) - Пакистан во пресрет на тензиите со својот ривал Индија, по последниот потег за Кашмир претходно овој месец, изврши успешна ноќна обука за лансирање на балистичка ракета, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ракетата „Газнави“ копно - копно, наречена по авганистанскиот лидер од 11 век, султанот Мехмуд Газнави, кој е познат по неговите многубројни напади врз Индија, е со можност за исфрлање на неколку видови боеви глави до 290 километри“, напиша на социјалната мрежа Твитер, генерал-мајорот Асиф Гафур, портпарол на Пакистанската армија.
Армијата, исто така, објави видео од обуката за лансирање.
Најновиот тест претставува трет ракетен тест на земјата годинава.
Веќе зголемените тензии меѓу двата соседа се зголемија уште по одлуката на Њу Делхи за одземање на автономијата на Џаму и Кашмир на 5 август, при што експертите за безбедност стравуваат од ново одмерување на силите во Јужна Азија.
Од 1954 година до 5 август 2019 година, Џаму и Кашмир имаше посебни одредби според кои можеше да носи свои закони. Овој посебен статус го вклучуваше и Законот за државјанство, кој не дозволуваше странците да се населат и да стекнуваат имот во регионот.
Индија и Пакистан контролираат делови од Кашмир и бараат контролирање во целост. Кина, исто така, контролира дел од спорниот регион, но токму Индија и Пакистан војуваа двапати за Кашмир.
Некои кашмирски групи во Џаму и Кашмир се борат против индиското право за независност или за обединување со соседен Пакистан.
Според неколку групи за човекови права, илјадници луѓе се убиени во конфликтот во регионот од 1989 година.
- Нуклеарни сили -
Пакистан и Индија се меѓу малкуте земји со нуклеарни арсенали. Индија се приклучи на нуклеарниот клуб долго пред Пакистан, во 1974 година, поттикнувајќи го Исламабад да го следи примерот.
Пакистан тивко ја разви сопствената нуклеарна способност во осумдесеттите години, кога беше сојузник на САД во Првата авганистанска војна против Советскиот Сојуз во распаѓање.
Не спроведе никакви нуклеарни тестови сè додека Индија не спроведе серија свои тестови во 1999 година. Само три недели подоцна, Пакистан спроведе шест успешни тестови во оддалечената област Чаги, во близина на границата со Авганистан-Иран, предизвикувајќи стравувања од нуклеарна војна меѓу долгогодишните ривали.
Според Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм, Индија моментно поседува помеѓу 80 и 100 нуклеарни боеви глави, додека Пакистан има меѓу 90 и 110.