İlayda Çakırtekin
11 Март 2025•Ажурирај: 12 Март 2025
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика земјите членки на ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана над 3 отсто од БДП, за време на дебатата во Европскиот парламент денес, јавува Анадолу.
„Денес трошиме нешто помалку од 2 отсто од нашиот БДП за одбрана. Сите анализи покажуваат дека треба да се движиме над 3 отсто“, изјави Фон дер Лајен.
Таа посочи дека годишниот буџет на ЕУ изнесува нешто повеќе од 1 отсто од БДП на Блокот, што значи дека членките ќе мора да ги преземат најголемите инвестиции во одбраната.
„Некои веруваа дека Русија може да се интегрира во европската економска и безбедносна архитектура. Други, пак, се надеваа дека засекогаш ќе можеме да се потпреме на американската заштита. И така, го спуштивме нашиот гард“, истакна Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека „времето на илузии“ е завршено и повика Европската Унија да ја зајакне својата способност за одбрана.
Фон дер Лајен исто така ја повтори „итната потреба“ да се надминат недостатоците во воените залихи на Украина и да се обезбедат „цврсти безбедносни гаранции“ и за Украина и за целиот континент.
„Путин докажа повеќепати дека е непријателски сосед. На него не може да му се верува. Ние знаеме дека руската воена индустрија произведува повеќе од нашата“, рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека Кремљ троши повеќе на својата војска отколку сите европски земји заедно.
„Сите посакуваме да живееме во помирни времиња. Но, уверена сум дека, доколку ја искористиме нашата индустриска моќ, можеме повторно да обновиме одвраќањето кон оние што сакаат да ни наштетат“, додаде таа.