Handan Kazancı
19 Февруари 2021•Ажурирај: 21 Февруари 2021
АНКАРА
Фоторепортерите на Агенција Анадолија (АА) освоија награда на Меѓународниот натпревар „Фотографии на годината“ (POY).
Тимот на Агенција Анадолија ја доби финалната награда во категоријата „Локална тимска приказна на годината“ со серијата фотографии „Отворена врата за Европа“.
Фоторепортерите Себнем Џошкун, Елиф Озтурк, Ариф Худаверди Јаман, Ѓокхан Балчи и Онур Чобан направија серија од 20 фотографии на кои се прикажани нерегуларни мигранти во северозападната погранична турска област Едрене, кои имаат надеж да стигнат до Европа.
Годишниот натпревар на фотографии е програма на Институтот за новинарство „Доналд В. Рејнолдс“ на Школата за новинари во Мисури, САД, и доделува награда за најдобри фотографии уште од 1944 година. Наградите се доделуваат секоја година во различни категории откако ќе бидат прегледани од стручно жири од оваа област на новинарски фотографии.
„Овогодишната „Локална тимска приказна на годината“ преку фотографии е нова категорија и го признава заедничкиот напор на фоторепортерите кои покриваат одредена тема којашто е важна за локалната публика“, пишува на веб-страницата на натпреварот.
„Тоа е наративна приказна со слика или серија слики направени како дел од напорите на тимот или персоналот кој се обидува да покрие локално прашање или вест“, се додава на веб-страницата.
Меѓу членовите на овогодишното жири се наоѓаат Чериш Меј, Џ.Б.Форбс, Шоун Хил, Мери Д. Де Јесус, Алекс Вонг, Престон Ганавеј, Адрес Латиф, Алисиа Буртон Стил, Мелиса Мелвин-Родригез, Дин Фицмаурис, Стеф Чемберс, Хозе Карлос Фајардо, Елизабет Ченг Крист, Алиса Шукар, Кети Орлински, Рон Тарвер, Саманта Еплтон, Макјл Робинсон Чавез, Лајлах Аматулах Барајн, Карл Филипе Јусте, Су мороу, Брајан Палмер, Шаминдер Дулаи, Јулие Винокур, Јасмин Голдбанд, Ави Ѓупта, Деб Панг Дејвис и Брет Роџерс.
Фоторепортерите на Агенција Анадолија во претходните години имаат освоено четири награди на натпреварот „Фотографии на годината“. Меѓу победниците беа Мосаб Елшами од Египет во 2014 година, Себастијан Кастанеда од Перу во 2015 година, Мустава Хасон од Газа, Палестина во 2016 година и Елиф Озтурк од Истанбул минатата година.