Ömer Aydın
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
ПАРИЗ (АА) - Во продолжение на генералниот штрајк кој вчера во Франција го започнаа вработените во Железницата, денеска, во знак на поддршка им се придружија студентите, кои во повеќе од 50 студентски кампуси, спроведоа блокада и започнаа акции за оневоможување на наставата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението објавено од Администрацијата на француските железници (SNCF), на штрајкот му се придружиле 29,7 отсто од администрацијата и 74 отсто од машинистите.
Администрацијата на француските железници, информирајќи дека е забележано намалување од 4 отсто во поддршката на штрајкот, додаде дека во текот на денот ќе можат да се реализираат 7 линии од експресните возови (TGV) и по еден воз во 5 регионални подрачја.
Поради штрајкот, во голема мерка е нарушен транспортот во Франција, десетици илјади вработени не можеле да заминат на своите работни места, а некои компании вовеле измена на работното време.
Во Париз е создадена колона од возила во должина од 350 километри, а поради штрајкот, постојат големи нарушувања во меѓуградските и меѓународните линии.
- Поддршка дадоа и студентите -
Поддршка на штрајкот дадоа и студентите. Во знак на протест против воведените реформи во образованието од страна на Владата и запишувањето во универзитетите во февруари, во поддршка на штрајкот, дел од студентите ги блокираа кампусите и ги зголемија своите активности.
Весникот „Liberation“ (Либерасион) објави дека универзитетските згради во повеќе од 60 кампуси на 21 универзитет се окупирани од студентите.
„Liberation“ објави дека активностите, во кои учествуваат повеќе десетици илјади студенти, продолжуваат низ целата земја, поради што во голем број универзитети не се одржува наставата.
Запрена е наставата на Универзитетот „Сорбона“ во Париз, поради блокадата и насилните настани во некои делови од Универзитетот.
Министерката за високо образование, Фредерик Видал, ги повика студентите на дијалог, изјавувајќи дека нема да дозволи насилство на универзитетите, уништување на универзитетските објекти и малтретирање на студентите кои не се придружиле на протестите.
Министерката Видал истакна дека треба да се биде внимателен околу лажните вести кои имаат за цел потикнување активности на универзитетите.
Реакција на Одлуката на француското раководство за реформи во Железницата дадоа 4 синдикати во Франција, кои соопштија дека на 3 април 2018 година започнува генерален штрајк, кој треба да трае до 28 јуни.