Hajer M'tırı
28 Јуни 2018•Ажурирај: 29 Јуни 2018
ПАРИЗ (АА) - Француските обвинители обвинија 10 крајнодесничарски екстремисти поради криминален терористички заговор за напад врз муслимани, објавуваат француските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Меѓу обвинетите што се уапсени во рациите во Франција се девет мажи и една жена, меѓу кои и 65-годишен пензиониран полициски службеник, за кој се верува дека е водач на групата заедно со неговата сопруга и поранешен војник, пишува францускиот дневен весник „Le Figaro“ (Фигаро).
Осомичените имале план за извршување насилни напади врз припадници на исламската вероисповед, пишува „Le Figaro“, цитирајќи извор близок на истрагата.
Лицата на возраст од 32 до 69 години, исто така, се обвинети за прекршување на законите за огнено оружје и за производство или поседување експлозивни направи.
За време на рациите во Париз, на медитеранскиот остров Корзика и во западниот регион Шарант Маритим биле пронајдени пушки, пиштоли, рачно изработени гранати и предмети употребени за производство на ТАТП експлозиви.
Според францускиот радиотелевизиски сервис TF1, осомничените планирале да нападнат муслимански жени што носат хиџаб на улица избрани по случаен избор, како и имами.
Се верува дека лицата се дел од радикалната десничарска група наречена Оперативни сили Акција или AFO, која работи да го поттикне францускиот народ да се бори против муслиманите, нарекувајќи ги „внатрешен непријател“.
На нивната веб-страница „Guerre de France (Војна за Франција), АФО вели дека тренира француски „војници граѓани“ за борба на француска територија.
Франција е дом на околу 5,7 милиони муслимани, што претставува речиси 9 отсто од населението, според извештајот објавен кон крајот од минатата година од американскиот истражувачки центар „Pew“ (Пју).