Esra Taşkın
03 Јули 2023•Ажурирај: 04 Јули 2023
ПАРИЗ (АА) - За време на протестите во Франција, кои избувнаа по полициското убиство на 17-годишно момче, досега се приведени речиси 3.200 лица, јавува Анадолу.
Граѓаните и понатаму излегуваат на улиците на француските градови, а во текот на изминатите денови беа опожарени најмалку 1.000 објекти и 5.000 возила.
Протестите низ земјата поради убиството на Нахел М., 17-годишен тинејџер од алжирско потекло, и понатаму ја потресуваат Франција.
Нахел беше застрелан од полицаец од непосредна близина во вторникот во париското предградие Нантер.
Полицаецот се соочува со формална истрага за убиството и одреден му е притвор.
Ноќта на инцидентот, особено во Нантер и околните градови, младите излегоа на улиците, палејќи возила и канти за отпад и фрлајќи огномет кон полицијата.
Втората ноќ демонстрациите се проширија во некои предградија на Париз и неколку поголеми градови во земјата.
Запалени се најмалку 5.000 возила, илјада објекти се оштетени или запалени, а нападнати се и 250 полициски/жандармериски станици во протестите што продолжија и синоќа.
Над 700 полицајци се повредени за време на демонстрациите, а околу 3.200 лица се приведени.
Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, изјави дека просечната возраст на приведените е 17 години.
Нападот врз домот на градоначалникот на Лај-ле Роуз Винсент Жанбрун за време на викендот предизвика реакции во земјата.
Вчера низ Франција беа запалени 297 возила и 34 објекти, а подметнати се пожари на 352 јавни места.
На демонстрациите одржани во Нантер избија судири меѓу полицијата и активистите.
Обвинителството на Нантер соопшти дека полицаецот што смртно го застрела тинејџерот ќе се товари за „намерно убиство“.
Воведен е полициски час во најмалку 10 града во земјата.
Во градовите како Лион и Марсеј распоредени се специјални полициски тимови, особено во борбата против тероризмот и организираниот криминал, а на терен се и оклопни возила.