Ali Murat Alhas
17 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
ПАРИЗ
Протестите на „Жолтите елеци“ против политиките на францускиот претседател Емануел Макрон во Франција траат веќе пет месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрациите кои започнаа како реакција на зголемувањето на цените на горивото, се претворија во антивладини протести.
Демонстрантите бараат од претседателот Макрон обраќање до нацијата за економските услови на Франција, што беше одложено по пожарот кој се случи во катедралата Нотр Дам.
Макрон вчера изјави дека наскоро ќе одржи говор, но демонстрантите тврдат дека не ги убедил.

Во неуспех да пронајде решение за ставање крај на протестите на „Жолтите елеци“ и насилството, француската Влада ги забрани демонстрациите во центрите на градот.
Главната причина за забраната беше протестот на 16 март на авенијата „Елисејски полиња“, на кој беа фрлани камења кон полицијата, барикадите на патот беа запалени, а неколку ресторани и продавници беа ограбени.
Покрај тоа, 192 лица беа притворени, а 42, вклучително и 17 полицајци, беа повредени за време на овие протести. Француската Влада подоцна објави дека 91 продавница и ресторан биле ограбени, а материјалната штета изнесувала околу 200 милиони евра.
Протестите исто така беа забранети и во центрите на градовите Тулуз, Бордо, Ница, Сент Етјен, Авињон, Лил, Лион и Руан.
Француската полиција користеше бибер-спрејови против демонстрантите минатата недела, апсејќи 15 лица.
Исто така и демонстрантите во Тулуз ја игнорираа забраната и запалија возило. Полицијата одговори со солзавец и уапси 43 лица.
- Нови закони за спречување на демонстрантите
Француската Влада неодамна усвои Закон за спречување на насилството во протестите.
Демонстрантите што ги покриваат лицата за време на насилните протести може да бидат осудени со една година затворска казна и казнети со 15.000 евра.
Материјалната штета за време на протестите ќе биде надоместена од демонстрантите или од оние што применуваат сила.
Во согласност со законот, полицијата е овластена да ги претресе демонстрантите пред да протестираат, а судиите на оние што се на условна казна сега можат да им забранат да учествуваат на протестите.
Демонстрантите кои носат опасни супстанции за време на демонстрациите ќе добијат затворска казна до три години или 45.000 евра.
- Досега се убиени 11 лица
Протестите на „Жолтите елеци“ се одвиваат од 17 ноември 2018 година.
Според последните официјални податоци, досега се убиени 11 лица, а повеќе од 2.000 се повредени. Повеќе од 8.400 лица се уапсени, а 2.000 лица добија затворски казни.
Според француската веб-страница „Mediapart“, 11 лица се убиени, пет лица се повредени како последица на бибер-спрејот, а 21 лице го загубиле видот.