Fatma Esma Arslan
20 Септември 2021•Ажурирај: 21 Септември 2021
ДАКАР
Француската министерка за одбрана, Флоранс Парли, реагирајќи на наводите дека ќе биде потпишан договор меѓу руската безбедносна компанија „Вагнер“ и Мали рече дека Франција нема да го напушти Мали, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите во француските медиуми, Парли ја посетила оваа земја, по наводите дека во Мали ќе бидат испратени 1.000 руски платеници.
Парли во изјавата за медиумите пред средбата со нејзиниот колега од Мали, полковникот Садио Камара, истакна дека ја организирала оваа посета за да го разјасни ставот на властите на Мали за групата „Вагнер“.
Подвлекувајќи дека тие нема да бидат на истото место со платениците, француската министерка за одбрана Парли рече дека дури и ако го намалат бројот во операцијата „Бархане“, напорите на Франција во Мали и Сахел ќе продолжат.
„Франција не си заминува (од Мали). Ќе продолжи да ги поддржува безбедносните сили во Сахел“, рече Парли.
- Тврдење дека 1.000 руски платеници ќе бидат испратени во Мали
Во американските медиуми се тврдеше дека преодната влада, формирана во Мали по државниот удар, и руската група „Вагнер“, требаше да потпишат договор што предвидува обука на Армијата на Мали и заштита на високите функционери.
Во вестите се тврдеше дека околу 1.000 платеници можат да заминат во Мали, а за возврат ќе бидат платени 10,8 милиони долари месечно.
„Доколку властите во Мали потпишат таков договор со групацијата Вагнер, тоа не само што ќе биде алармантно, туку и ќе направи да биде бесмислено сè што направивме и планиравме да направиме во текот на годините за поддршка на земјите од Сахел“, рече француската министерка за одбрана Парли.
Премиерот на Мали, Шогел Кокала Маига, исто така негирајќи ги обвинувањата, рече: „Што ќе правиме кога нашите партнери ќе донесат одлука за повлекување од одредени области и утре кога ќе се повлечат? Зарем не треба да имаме план Б?“