Yusuf Özcan
07 Март 2019•Ажурирај: 08 Март 2019
ПАРИЗ (АА) - Францускиот премиер Едуар Филип реагираше на изјавата на високиот комесар за човекови права на ОН, Мишел Бачелет, кој истакна дека на демонстрациите на „Жолтите елеци“ полицијата употребила несразмерна сила и дека треба да се отвори сеопфатна истрага, пренесува Anadolu Agency (AA).
Филип, во изјавата за тв-каналот BFMTV, во однос на полициското насилство на демонстрациите, рече: „Ние не ги чекавме ОН за да ги расветлиме настаните.“
Тој истакна дека во неговата земја владее правото и дека кога има некоја жалба, се постапува како што е потребно, додавајќи дека на Бачелет треба да му се објасни насилството извршено врз полицијата за време на демонстрациите.
Портпаролот на Владата, Бенжамин Гриво, изјави дека е изненаден од тоа што Бачелет ја побарал таа истрага.
Високиот комесар за човекови права на ОН, Мишел Бачелет, во однос на демонстрациите на „Жолтите елеци“, кои траат повеќе од три месеца, истакна: „Повикувам да се отвори сеопфатна истрага за сите извештаи каде што полицијата употребила прекумерна сила.“
Според интернет-страницата „Медијапарт“ („Mediapart“), при погодување со капсула од солзавец, едно лице го загуби животот, пет лица ја загубија раката, 21 лице го загубија окото, 204 лица беа повредени во главата, 13 лица во рацете, 41 лице во телото, 68 лица во ногата и 16 лица во половината.
Министерот за внатрешни работи, Лорен Нунез, истакна дека Националната единица за истраги на полицијата започнала истрага за 140 полицајци под сомнение дека употребиле насилство за време на демонстрациите на „Жолтите елеци“.
Француската Влада тврдеше дека полицијата треба да употреби солзавец за одржување на јавниот ред во протестите.
Од 17 ноември 2018 година, илјадници демонстранти, носејќи жолти елеци, се собираат во големите француски градови, во знак на протест против спорните даноци за гориво наметнати од францускиот претседател Емануел Макрон и поради влошената економска ситуација во земјата.
Според бројките од Владата, во протестите досега загинаа најмалку 11 лица, околу 8.400 беа притворени, над 2.000 беа повредени, додека 1.796 лица добија казна затвор.