Fatma Esma Arslan
25 Јануари 2016•Ажурирај: 26 Јануари 2016
ПАРИЗ (АА) - Францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казнев тврди дека француските безбедносни сили од почетокот на 2015 година, спречија најмалку 11 терористички напади во земјата, пренесува Anadolu Agency (АА).
Во интервју за телевизијата "Франс 5", шефот на француското Министерство за внатрешни работи ја коментираше актуелната расправа за вонредната состојба во Франција и истакна дека тоа било нужно по ноемвриските терористички напади во Париз, и дека тоа сигурно нема да трае вечно.
Потсетувајќи ги дека не се фатени сите терористи кои ги извршија нападите во Париз, францускиот министер Казнев, рече дека не е никаква тајна дека вонредната состојба ќе биде продолжена, доколку сè уште има терористички закани.
„Од пролетта минатата година, спречени се шест, а од почетокот на 2015 година, вкупно 11 терористички напади во Франција. Меѓу овие терористички планови беа нападите на концертната сала и на јавните места", рече Казнев.
Дискусиите за оправданоста на тековната вонредна состојба на територијата на цела Франција се интензивираa откако францускиот премиер Мануел Валс за време на Светскиот економски форум во Давос за Би би си изјави дека таа ќе биде продолжена.
"Ние мора да ги користиме сите ресурси сè додека имаме закана за безбедноста. Вонредната состојба треба да трае сè додека не се ослободиме од ДАЕШ", рече Валс.
Вонредната состојба во Франција официјално истекува на 26-ти февруари, меѓутоа францускиот претседател Франсоа Оланд веќе најави дека во првата недела од февруари, на седницата на Советот на министри ќе иницира дебата за измена на Уставот за вонредната состојба да може да се прошири за уште шест месеци.